31.10.2022 Скопје
По повод Светскиот ден на балетот, кој оваа година се одбележува на 2 ноември 2022 година, на сцената на Националната опера и балет на 1 ноември 2022 година во 20 часот, ќе се изведе еден од бисерите на балетската уметност, раскошната балетска класика „Рајмонда“ од Александар Глазунов. Безвременски балет кој е израз на целосната убавина на класичниот танц.
Диригент на претставата е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина. Прекрасните костими и спектакуларната сценографија се на гостите од Украина, Гана Ипатиева и Андреј Злобин.
Во главните улоги ќе настапат Мими Поп Алексова Атанасовска, Балаж Лочеи (Унгарија), Абдурахман: Васил Чичиашвили (Грузија), Илијана Данилов, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Игор Веланоски и Ендру Кук (Англија).
Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари 1898 година.
Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.
Подготвено од А.Ѓ.