15.10.2022 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, неколкумина истакнати пропагандисти на руската власт предводена од Владимир Путин жестоко го нападнаа српскиот претседател Александар Вучиќ поради осудата на анексијата на украинските региони.
Србија во Генералното собрание на ОН гласаше за осуда на Русија поради анексијата на четирите украински региони – Луганск, Донецк, Херсон и Запорожје.
„Аналитичарите“ блиски на Кремљ поради ова го нарекоа Вучиќ „марионета“ и „предавник“.
Владимир Соловјов, еден од најтврдокорните поддржувачи на Путин, објави фотографија од српскиот претседател како со наведната глава седи на столчето спроти поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Овалната соба на Белата куќа. Воедно, на една социјална мрежа напиша дека Русите се многу лути на Вучиќ, Србија беше меѓу оние кои гласаа против Русија, а Вучиќ постојано ветуваше дека нема да воведува санкции кон Русија.
Јуриј Котенок, познатиот провладин воен аналитичар, на една од социјалните мрежи напиша дека Србија во ОН гласала против Русија, што значи дека Вучиќ е марионета, затоа што тој се има заколнато дека никогаш нема да воведе санкции кон Русија, а на крајот заклучи „Дијагноза – политичка проститутка!“.
ЕУ веќе сериозно ѝ забележува на Србија затоа што таа е една од ретките земји која не воведе санкции за Русија поради руската инвазија на Украина.
Подготвено од А.Ѓ.