https://www.facebook.com/photo?fbid=660159402141640&set=pcb.660159635474950

02.10.2022 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, во Националната палата на културата во Софија во присуство на лидери од балканскиот регион, ЕУ и Азербејџан, во комерцијална употреба беше пуштен гасниот интерконектор Грција – Бугарија, со кој мрежата за пренос на гас на Грција кај градот Комотини се поврзува со бугарската преносна мрежа близу Стара Загора, со што се обезбедува диверзификација на рутите и на изворите на природен гас за регионот на Балканот.

Гасниот интерконектор Грција – Бугарија е со должина од 182 километри, од кои 140 километри се на бугарска територија и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод, преку кој се пренесува гас од Азербејџан до Италија.

За Северна Македонија, интерконекторот Грција – Бугарија ќе овозможи и пристап до складиштето за природен гас во Чирен во Бугарија, преку кој Македонија може да набавува течен природен гас од терминалот во грчкиот град Александруполис, со што се добива можност за набавка на енергенсот од Азербејџан.

Во текот на летото, кога гасот е поевтин, Македонија ќе може да го складира енергенсот во Бугарија и потоа да го користи на зима.

Со ваквата диверзификација на гасните извори, се обезбедува сигурност во снабдувањето со природен гас за Македонија на среден и долг рок, како и одлична можност за зголемување на перформансите на домашната економија, која може да биде конкурентна со државите од регионот.

На церемонијата на пуштање во употреба на ИГБ во Софија, претседателот Стево Пендаровски оцени дека овој настан е особено значаен, бидејќи отвора нова сигурна порта за диверзифициран природен гас за Југоисточна Европа, во момент на повеќекратни кризи кои меѓусебно се засилуваат и кога регионот и европскиот континент се соочуваат со изгледите за тешка зима. Воедно, потенцира дека ако нашата иднина е во обединета Европа, време е да се намали меѓудржавната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката, како единствен излез од оваа глобална ситуација со која се соочуваме.

Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската Комисија, нагласи дека со стартот на комерцијалната работа на ИГБ започна нова ера, бидејќи интерконекторот ќе биде важен фактор против застрашувачката енергетска војна на Русија против ЕУ. Воедно, додаде дека овој гасовод ги менува правилата на игра за енергетската безбедност на Европа, бидејќи значи ослободување од зависноста од рускиот гас.

Румен Радев, претседателот на Бугарија, оцени дека со ИГБ драстично се менува енергетската карта на Европа и конечно имаме вистински проток на гас од Азербејџан. Претседателот Радев смета дека оваа гасна врска е можност не само за Бугарија, туку и за Романија, Северна Македонија и многу други земји од Централна и Југоисточна Европа.

Кирјакос Мицотакис, премиерот на Грција, истакна дека ИГБ значително ќе ги промени и снабдувањето со енергија, но и енергетската безбедност на европскиот континент, бидејќи преку него ќе се носи природен гас од Азербејџан и во комбинација со другите инфраструктурни проекти, кои се спроведуваат во моментов, ќе придонесе во создавањето кредибилна мрежа за снабдување со енергенсот. Исто така, грчкиот премиер нагласи дека интерконекторот поврзува земји што делат исти европски вредности и солидарност.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, смета дека ИГБ ќе има многу сериозна улога во спроведувањето на енергетската безбедност и диверзификација на Балканот и Средна Европа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author