https://www.facebook.com/photo?fbid=681632269984764&set=pcb.681632653318059

27.10.2022 Скопје

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната средба со Мануел Сарацин, специјален претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, истакнал дека Берлинскиот процес несомнено продолжува да биде значаен двигател на реформските процеси во нашиот регион.

Од Министерството за надворешни работи соопштија дека Османи изразил големо задоволство од позитивниот исход од министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес одржан минатата недела и усвоената Декларација за имплементација на заедничкиот регионален пазар и најавеното потпишување на договорите за признавање на академски квалификации/дипломи, професионални квалификации и патување со лични карти во регионот на самитот, што треба да се одржи на 3 ноември, во Берлин.

Османи, воедно, изразил благодарност за недвосмислената поддршка на Германија за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија и брифирал за тековниот скрининг, како особено значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Европската Унија.

За време на средбата, двајцата соговорници изразиле задоволство од интензивната динамика на политички дијалог меѓу двете држави, која значи градење силни и стабилни партнерски односи со Германија.

Османи и Сарацин ја истакнале важната улога на НАТО во зачувување на европската и светска безбедност во дадениот нестабилен геополитички контекст, како и важната улога на Република Северна Македонија како земја претседавач на ОБСЕ во 2023 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author