https://www.facebook.com/photo.php?fbid=516923733463350&set=pb.100054371836624.-2207520000..&type=3

06.10.2022 Скопје

Приватните автобуски превозници во Скопје повторно превезуваат патници по редуциран возен ред. Причина се финансиските проблеми што ги имаат поради нередовната исплата од ЈСП „Скопје“, односно од Град Скопје.

Приватните превозници кои ги опслужуваат линиите 23 и 45, во изминатите две недели, возат со намален број возила, а деновиве корисниците на јавниот превоз забележаа намален број автобуси и на други линии низ Скопје.

Од Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ информираат дека не е по нивна вина, туку поради тоа што немаат доволно средства, автобусите на некои автобуски линии возеа и ќе возат редуцирано додека не се реши овој проблем. Воедно, очекуваат дека овој проблем ќе се реши наскоро, бидејќи деновиве добиле дел од средствата што требаше да им ги исплатат од ЈСП „Скопје“ со поддршка на Град Скопје.

Меѓу другото, од Здружението информираат и дека превозниците оствариле средба со надлежните на која било договорено дека до петок повторно ќе им се исплатат дел од средствата што им ги должат за услугите што ги вршат и за на тој начин превозниците да имаат можност да продолжат и натаму редовно да си ги извршуваат обврските и да ги превезуваат патниците редовно, според однапред утврдениот возен ред.

Од „Слобода превоз“ се надеваат дека до петок ќе ги добијат дел од парите, а потоа дека редовно ќе го добиваат надоместокот според договорот што го имаат склучено со надлежните. Исто така, информираа дека во обид да им излезат во пресрет на патниците, во соработка со ЈСП „Скопје“ договориле нивни автобуси да возат по линијата со број 23 и на тој начин патниците да можат редовно и навремено да се превезуваат.

Приватните автобуски превозници, доколку до петок не се исплатат средствата што во моментов им ги должат ЈСП и Град Скопје, најавуваат дека дел од нивните автобуси нема да бидат во можност да превезуваат патници, поради финансиската немоќ и неможноста да наполнат гориво во автобусите.

Ова не е првпат приватните автобуски превозници да не превезуваат патници по утврдениот возен ред, а тие веќе подолг временски период се жалат дека не ги добиваат навремено парите од Градот за услугата што ја вршат.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author