23.10.2022 Скопје
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на првиот панел на Конференцијата „Жени, мир и безбедност“ која се одржа во текот на вчерашниот ден во Приштина на иницијатива на косовската претседателката Вјоса Османи, изјави дека Северна Македонија е позитивен пример во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива и тоа го кажува од сопствен пример, затоа што таа е министерка за одбрана и не е првата жена која била поставена на оваа позиција.
За Петровска е многу важно придонесот на жените да се гледа од квалитетен аспект, како жени лидери и жени донесувачи на одлуки, не само како бројка или процент.
Министерката Петровска истакна дека во безбедносниот сектор во Северна Македонија, освен на позицијата министерка за одбрана, жени се поставени и на позиции заменичка на министерот за надворешни работи, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи и заменичка на директорот на Агенцијата за разузнавање, клучни лидерски позиции на кои жените можат да направат разлика и да дадат суштински придонес.
Во однос на одбраната, Петровска истакна дека е направен голем исчекор и во бројот на жените во Армијата, но и во вклучувањето на родовата еднаквост и родовата перспектива во политиките на Министерството.
На панелот со министерката учествуваа повеќе високи официјални лица регионот и светот, меѓу кои и Ана Лурман, државна министерка за Европа и клима во германското Министерство за надворешни работи, Дипу Мони, министер за образование на Бангладеш, како и Велислава Петрова, заменичка на министерот за надворешни работи на Бугарија, а свое видео обраќање имаше и Ирене Фелин, специјална претставничка за Жени, мир и безбедност на генералниот секретар на НАТО.
На маргините на Форумот, министерката Петровска се сретна со својот косовски колега, министерот Арменд Мехај, со кого разговараше безбедносната состојба во регионот и развојот на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Косово.
На Форумот во Приштина учествуваа над 400 учесници и 125 говорници од 33 земји од светот.
Подготвена од А.Ѓ.