https://www.facebook.com/photo.php?fbid=659257015571241&set=pb.100044608441941.-2207520000.&type=3

21.10.2022 Скопје

Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека официјални претставници на Западен Балкан и на Европската унија во Берлин договорија мерки за спречување на илегалната миграција на „балканската рута”, од кои најважни се усогласувањето на визната политика на западнобалканската шесторка со стандардите на ЕУ и сузбивањето на шверц на луѓе.

На состанокот на министрите за внатрешни работи, како дел од берлинскиот процес, постигнат е договор вчеравечер за ефикасна заштита на границите со поддршка на европската агенција Фронтекс и за процедури за враќање на бегалците кои немаат правна основа за престој во ЕУ во нивните матични земји.

Министрите и официјалните лица се собраа во Берлин на покана на германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, за да разговараат за сузбивањето на илегалната миграција преку балканската рута и борбата против организираниот криминал.

На средбата во Берлин беа поканети министри за внатрешни работи или други релевантни претставници на Австрија, Бугарија, Франција, Грција, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, како и претставници на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.

Учествуваа претставници на Европската Унија, меѓу кои и комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, како и претставници на меѓународни организации.

Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, изјави дека Европа има заедничка одговорност да го запре нелегалниот влез за да може да продолжи да им помага на луѓето на кои итно им е потребна поддршка. Воедно, додаде дека сакаат да ги заштитат луѓето кои доаѓаат поради војни и политички прогон, истакнувајќи дека остануваат доследни на нивната хуманитарна одговорност. Истовремено, како што истакна, европските партнери се решени да ја спречат илегалната миграција.

Берлински процес е формат на годишни состаноци што германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел, ги иницираше во 2014 година кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.

Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на тој регион во ЕУ.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author