25.10.2022 Скопје
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на неговата официјална посета на Република Полска, беше одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, како симбол на блиските дипломатски релации меѓу двете држави и нивните претседатели и како уште една потврда на македонско-полското партнерство.
Од кабинетот на претседателот пак соопштија дека, Претседателот Пендаровски го одликувал претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, со Орден „8 Септември“, поради исклучителниот придонес во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Република Северна Македонија, со цел зачленувањето во Европската унија.
Претседателот Стево Пендаровски, престојува во дводневна официјална посета на Република Полска, каде што со највисоки воени почести беше пречекан во Варшава од страна на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средби и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда ќе присуствуваат на средба со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот, каде што ќе има свое обраќање.
Подготвено од М.Н.