https://twitter.com/vonderleyen/status/1582635443073318912/photo/1

26.10.2022 Скопје

Денеска попладне, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе пристигне во посета на Република Северна Македонија, со која ќе ја започне нејзината турнеја низ регионот на Западен Балкан.

Од владиниот Сектор за односи со јавноста најавија дека премиерот Димитар Ковачевски заедно со владина делегација ќе ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред платото на Владата.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски се заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за економија Крешник Бектеши.

Главната порака, која ќе ја пренесе претседателката на Европската комисија, е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот.

Портпаролот Ерик Мамер најави дека нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан е во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.

Како што и самата најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author