12.10.2022 Скопје
Денеска, во организација на Министерството за правда и Програмата за развој на Обединетите нации се одржаа воведните зборови на тркалезната маса „Стандарди на интегритет во јавниот сектор според Конвенцијата на ОН против корупцијата, членови 7, 8 и 10“.
Заклучокот од воведните зборови е дека интегритетот во јавниот сектор е предуслов за спроведувањето на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата.
Мухамед Точи, државниот секретар во Министерството за правда, истакна дека во однос на стандардите кои се тема на денешниот настан, како што е истакнато и во извештајот од вториот циклус на преглед на имплементација на Конвенцијата, преземени се повеќе мерки и активности во согласност со барањата од одредбите на Конвенцијата.
Државниот секретар во Министерството за правда информираше дека во однос на членот 7 – Јавен сектор, донесено е законодавство со кое се регулираат постапки за вработување преку транспарентна и конкурентна постапка за селекција. Задржување и пензија на вработени во јавниот сектор. Воедно, истакна дека е предвидено редовно одржување на антикорупциска обука за административните службеници, воспоставени се правила за мобилност и ротација на позиции, а надоместокот за вработените во јавниот сектор се пресметува по систем на бодови. Исто така, е регулирано известувањето за финансирањето на изборите и контрола на финансирањето на политичките партии.
Мухамед Точи го спомена и Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, а во однос на членот 10 – Јавно известување, го спомена Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, посочи дека самата ратификација на конвенцијата покажува дека се работи за еден глобален проблем кој што се решава на глобално ниво.
Според Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, еден од начините кон постигнување на поголем степен на интегритет е поттикнување на граѓаните да ги користат своите уставни и законски права како што е Правото на пристап до информации.
Билјана Цветановска Гугоска, раководител на сектор за демократско владеење, УНДП, истакна дека корупцијата е болна точка за развојот.
Тркалезната маса продолжи со претставување на членовите 7, 8 и 10 од Конвенцијата на Обединетите нации против корупција и споделување на искуства во спроведувањето мерки за спречување на корупцијата поврзани со горенаведените членови.
Подготвено од А.Ѓ.