https://www.facebook.com/CityofSkopje/photos/a.335967709782781/3939027792810070

05.10.2022 Скопје

Младите жители на скопските општини Аеродром и Кисела Вода, кои во соработка со организацијата „Go Green“, предложија позелени и почисти општини, со повеќе засадени дрвја и нови зелени површини и паркови.

Од локалната самоуправа на Општина Аеродром соопштија дека младите луѓе што живеат во Аеродром повторно имаат можност да ги искажат и да ги поднесат своите барања, решенија, предлози и идеи за позелена општина. Станува збор за втора иницијатива во организацијата на „Go Green“ со партнерство и поддршка од Општина Аеродром. Првиот сет барања што ги дале младите жители на општината поминале со висока стапка на успешност.

Од Општината објаснуваат дека некои од барањата кои се под директна надлежност на Општината се веќе решени, а останатите се во процес на нивна реализација. Меѓу барањата што беа пуштени на првиот повик е новата практика во Аеродром, каде што инвеститорите имаат обврска да обезбедат вело-паркинзи, на различни начини да се заштитат зелените површини, пешачките и велосипедските патеки, како и нови иновативни решенија за новите паркови низ Аеродром.

Според Општината, со ваквите идеи и решенија, локалната самоуправа заедно со граѓаните ќе можат да придонесат за поубава, позелена и здрава животна средина, а оваа иницијатива гарантира дека предлозите на младите ќе бидат слушнати, а идеите реализирани.

Општина Кисела Вода, со објава на социјалните мрежи, ги повикува младите да дадат свои предлози со кои ќе се зголемат зелените површини на одредена територија, но и ќе дадат свои идеи и предлог-решенија за позелена, почиста и поурбана средина во која ќе живеат. Општината потенцира дека е во тек отворениот повик за собирање младински предлози за зелена Кисела Вода и ги охрабрува младите лица со своите решенија и идеи да учествуваат во креирањето на промените што треба да ја направат Кисела Вода подобро и поеколошко место за живеење.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author