https://www.facebook.com/CityofSkopje/photos/bc.AbptFxlaB1tvfZxY3uJgNOMbA780Czu-yEe6JBgQ7e0XTsrSe0D08FoHWgrxfZG1GAbm8Ic4YB4thF17uRuud-9VYaJy757CiefWx45xfPjwvIWcBOGn5I5WNqsiqwsIK5pNwXAzS3KQW24QetAbHfqk2B6ya-cGweox8WQLVmyrhQ/5647007518678747/?opaqueCursor=AboV-QJv7fhTAGxlkQqb_75bvO0_rtqq_ZH5qOVdqmJGoswK8gKPYEjIZq4emjnMx7ajsGf3NwFVMRQkglp_8W0Cds1mDriKN5tfAvUlkYeh-Yvq6LjnvFn8jjdE9Yyj-8hLYhZdRM7OUY1vvDDL-MvvPL4BOIseeTrwuyj_6kj6xRoiSXYw9vKABOcCI7uvxGLmwJnCF7uzDDUAlYZIr6bbi_DHFD0umEGGSlo0hCKX9w44It_ZBzCaZbUMLlvdUJ4Zubk0MrPhU34KN-ygnXqoZsEc4GrkEMzROHlMmztzl-1QksZTFc-9r1fi7dP4NKj0e76BiKr8rsaeNIkB0SA38QanDbA0_xkolRlDZOTSh5RoXJMQmWmljDArju7WOYe9Op2EaclO2Sd7bTJVr1O7mefPxwbuIpFU5w7PL-oqU_BFKTYhG4CL2WiatyUAWqFxStvz417vJGi_IS6GodLnYaRfYSKiSjY1rT8nP6nU_6TVREAX1mPV2sEFfZ_yCg5uCZoDG9fIRGYs8iYRerNM52CUmn6KD9I4Ihbz-rsv_n7tzmjTzJMSM2P_o2HVHm0B_08AQvOwj5UZuV9viZaSgfKnVFQL9CJ2A9f_xpxfCsoxHgcEKI3ftg-8aIw1A_kx5_I21dHQ6Cmkc_qIf7wh2GW64M2pjTBZ70IRePM79A

27.10.2022 Скопје

Стравот од рестрикции на струја, високите цени на струјата и драстично зголемената цена на пелетите, повторно дел од скопјани ги вратија на традиционалното греење на дрва, иако и овој начин на загревање на домот годинава е значително поскап споредбено со минатата грејна сезона. Како доказ за тоа е зголемената побарувачка на оџачарските услуги во градот до таа мера што, како што објаснуваат оџачарите, тешко се постигнува.

Бројот на оџаци што ќе чадат оваа грејна сезона во Скопје воопшто не е за потценување, бидејќи според неофицијални податоци станува збор за околу 60.000 оџаци. Истовремено, работата на оџачарите е зголемена за 30 отсто и тоа најмногу во деловите на Скопската Котлина што немаат централно парно греење.

Граѓаните се со поделени мислења околу најисплатливиот начин на загревање на домовите во претстојната грејна сезона. Додека за едните греењето со инвертери нуди најекономично и најбезбедно загревање на домот, други пак се плашат дека може да дојде до рестрикции на електрична енергија или пак до драстично зголемување на сметките за струја, па покрај овој начин на греење што досега го сметаат за најсоодветен, се обидуваат да си обезбедат уште една „резерва“ варијанта на загревање на домот. За оние граѓани, пак, кои со години наназад се греат на пелети, годинава оваа варијанта на загревање на домот е најскапа бидејќи цената на една вреќа пелети достигна вртоглава цена од повеќе од 400 денари, што на дневно ниво едно семејство за да го затопли домот би го чинело околу 1200 денари, па и тие греењето на дрва повторно го сметаат за поисплатлива опција.

Токму поради тоа, огревното дрво повторно на голема врата се враќа како еден од начините на загревање на домот.

Оџачарите истакнуваат дека дел од граѓаните се одлучуваат да ги исчистат оџаците за да бидат подготвени доколку во наредниот период овој начин на затоплување на домот им е најисплатлив, притоа напоменувајќи дека чистењето оџаци е исклучително потребно и кога станува збор за греење на дрва, но и за греење на пелети.

Според оџачарите, исклучително важно е да се чистат оџаците редовно, бидејќи неисчистениот оџак може да биде причина за многубројни проблеми.

За својата услуга оџачарите наплаќаат во зависност од видот на оџакот, но и од катноста на објектот. Цената на нивната услуга се движи во просек од 1200 па сѐ до 3000 денари.

Во изминатите неколку години, загревањето на домаќинствата, индустриските објекти и на сообраќајот постојано беа потенцирани како три најголеми извори за загадување на воздухот во Скопје. Во обид да се намали бројот на домаќинства што користат огревно дрво, властите субвенционираа набавка на инвертер клима-уреди и набавка на печки на пелети. За да се добијат субвенции за набавка на клима-уреди, градските власти бараа од граѓаните да ги одложат печките на кои се грееле како еден вид на доказ дека откако ќе набават инвертер ќе престанат да се греат на дрва и ќе преминат на загревање на домот на струја.

Во обид да добијат уште неколку квадрати плус или затоа што не сакаат низ домот да им поминува оџак, голем број скопјани ги урнаа оџаците. Токму поради тоа во зградите каде што некогаш имало можност становите да се греат со дрва, сега во голем дел од нив ваквиот начин на загревање е невозможен.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author