06.10.2022 Скопје
Во присуство на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и премиерот на Украина, Денис Шмихал, денеска во Прага беа потпишани одлуките со кои се дополнува Договорот за слободна трговија помеѓу Северна Македонија и Украина, со цел да се олесни слободната трговија и обезбедување на храна меѓу двете земји.
Одлуките се потпишани од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и заменик министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка.
Премиерот Денис Шмахил се заблагодари на делегацијата од Северна Македонија, која е предводена од премиерот Ковачевски за неизмерната поддршка што Република Северна Македонија и ја дава на Украина.
Премиерот Ковачевски посочи дека придржувањето кон активностите и политиките на ЕУ и на демократскиот свет, за нашата земја значи дека стоиме на вистинска страна во вистински момент.
Со денешното потпишување на договорите поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна, дополнително ќе ја зацврсти соработката на двете земји.
Со овој договор на понатамошна либерализација на трговија со земјоделско-прехрамбени производи и на двете страни ќе донесе големи поволности. Воедно ќе се овозможи бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук и намалена царина за извоз и увоз на голем број прехрамбени продукти.
Подготвено од М.Н.