31.10.2022 Скопје
Поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и непречено да се одвива образовниот процес во претстојниот зимски период, се дел од последните мерки за справување со кризата, што Владата ги донесе на вчерашната седница.
Доколку со новите мерки не се намали цената на основните прехранбени производи, Владата ќе спроведе други механизми, односно замрзнување на цените.
Вчера на прес-конференција, премиерот Димитар Ковачевски информираше дека за компаниите ќе биде обезбедена струја од 80 евра по мегават час и со ваквата одлука, Владата очекува дека ќе се влијае врз стабилизирањето на крајната цена на основните прехранбени производи.
Ковачевски нагласи дека Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Со оваа мерка, производителите на основните прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја што крајно ќе влијае и на стабилизирањето на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.
Од Владата потсетуваат дека веќе било јавно соопштено од производителите на основните производи дека со ваквата одлука би требало цените да се намалат најмалку за 10 проценти.
Подготвено од А.Ѓ.