08.10.2022 Скопје
Неџмедин Спахиу, професор на Факултетот за политички науки во Приштина, изјави дека во првата година по усвојувањето на визната либерализација, Косово може да го напуштат до 500 000 граѓани. Воедно, истакна дека млади жители сакаат да заминат на Запад, бидејќи не гледаат перспектива на Косово.
Професорот Спахиу оцени дека речиси од секое семејство барем еден член живее и работи во земјите од Западна Европа. Доколку, како што е најавено, до крајот на годината Европската унија воведе визна либерализација за граѓаните на Косово, според Спахиу, околу 100.000 граѓани ќе го напуштат Косово во првите три до четири месеци, а во наредната година во неколку бранови уште 300.000 – 400.000 жители.
Според професорот Спахиу, Косово ќе остане без работна сила, а бројот на студенти, кои ќе ги прекинат студиите за работа и ќе заминат на Запад, ќе се преполови. Исто така, истакна дека покрај младите, Косово ќе го напуштат и слабо платените експерти, затоа што кај граѓаните постои верување дека Косово не може да стане демократско општество во кое ќе се цени знаењето и стручноста.
Според податоците на Лекарската комора, во изминатите четири години од Косово во странство заминале 580 лекари.
Подготвено од А.Ѓ.