https://www.facebook.com/photo/?fbid=806313627358118&set=pcb.806315410691273

17.10.2022 Скопје

Славјанка Петровска, министерката за одбрана, ја започна дводвневната официјална посета на Словенија на покана на министерот за одбрана Марјан Шарец.

По пречекот со воени почести во словенечкото Министерство за одбрана, министерката Петровска и нејзиниот словенечки колега Шарец одржаа средба на која беше потврдена заедничката заложба за посилна одбранбена соработка, бидејќи двете држави споделуваат заеднички вредности и иста цел – стабилен, мирен и безбеден регион со сигурна европска иднина.

Министерката Петровска, по денешната средба со министерот Шарец во Љубљана, изјави дека Словенија е наш докажан пријател, сојузник и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија и оваа година се одбележуваат 30 години соработка помеѓу двете држави и 28 години одбранбена соработка која остави белег на развојот на одбраната и Армијата. Воедно, додаде дека живееме во комплексни времиња со бројни безбедносни предизвици и затоа како блиски и пријателски земји, и како сојузници во НАТО, мора да се опстане на патот кон уште посилна, уште поинтензивна одбранбена соработка.

Во контекст на регионалната безбедност која е приоритет и за Северна Македонија и за Словенија, министерката порача дека регионот се соочува со свои предизвици, но ниту еден предизвик не е нерешлив доколку има политичка волја, храброст и насоченост кон иднина на соработка и просперитет.

Министрите на средбата се заложија за уште посилна соработка во областа на одбраната, при што министерката Петровска повика на интензивирање на заедничките вежби и обуки на армискиот полигон „Криволак”, склучување на договор за одбранбена соработка со цел развој на одбранбени капацитети и планирање, справување со сајбер, хибридни и асиметрични закани.

Петровска и Шарец разговараа и за соработката во контекст на НАТО – мисиите, односно за заедничкото учество во т.н. Зајакнато истурено присуство во Латвија каде македонските мировници се дел од словенечкиот контингент. Тие се согласија дека улогата на НАТО е јасна и прецизна, тоа е одбранбена Алијанса чија основна цел е безбедност на секоја педа НАТО територија.

Министерката Петровска, денес во Љубљана, ќе се сретне и со претседателот Борут Пахор, а ќе се обрати и на церемонија за примопредавање на нов музејски експонат, германски противвоздушен топ од Втората светска војна, донација од Северна Македонија во Паркот за воена историја Пивка. Исто така, утре ќе присуствува на воена вежба која ќе се реализира во Воздухопловната база во Церкље об Крки.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author