28.10.2022 Скопје
Денеска, Собранието со 63 гласа „ЗА“ го избра Ристо Пенов од ЛДП за нов министер за локална самоуправа.
Расправата за изборот на Пенов траеше три дена, а во тек на денешната дебата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека заслугите на Пенов не се „толку големи“. Пратеникот Антонио Милошоски рече дека „е нејасно зошто Курто Дудуш не е предложен за министер за локална самоуправа“.
Пратеничката од СДСМ, Санела Шкријељ верува дека Пенов ќе биде на „познат терен“ во ресорот локална самоуправа и на тоа според неа може да се гледа како позитивен развој на настаните.
Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова истакна дека Ристо Пенов е еден од ретките политичари за кој сеќавањата во јавноста се позитивни и кој важи за политичар кој асоцира на стабилност и на искуство.
Талат Џафери, претседателот на Собранието, истакна дека Ристо Пенов е избран за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа и во името на сите пратеници му честита за изборот и му посака успех во работата.
Во Собранието беа присутни 101 пратеник, а 30 гласаа „против“. Немаше воздржани.
Подготвено од А.Ѓ.