https://www.facebook.com/photo.php?fbid=641233877367526&set=pb.100044427579784.-2207520000.&type=3

27.10.2022 Скопје

Претседателот Стево Пендаровски смета дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот, затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг. Дотогаш, истакна, дека може да се детектира и поправи нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното двотретинско мнозинство.

Пендаровски смета дека суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме, потенцирајќи дека не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател, да види процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор.

Претседателот порача до Владата и до јавноста да се оди плански и да не се брза во тој процес. Воедно, смета дека се „смешни“ тврдењата на опозицијата дека ќе се изборат за нова преговарачка рамка или за поништување на Преспанскиот договор.

Во однос на францускиот предлог, Пендаровски истакна дека има нова анкета за поддршката од македонските граѓани која бележи поприлично голем пад на оние кои се против него. Претседателот објасни дека поновата анкета во која процентот на лица кои не го поддржуваат францускиот предлог од 70 отсто колку што изнесуваше летото, сега е паднат за околу 20 отсто, што е драстично пониско.

Според Пендаровски, потврда дека француската рамка или претходно бугарските барања, не нè поништуваат, не нè оспоруваат како Македонци е потпишаниот договор со ФРОНТЕКС на македонски јазик.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *