https://www.flickr.com/photos/187383782@N05/49951011096/

12.10.2022 Скопје

Кога станува збор за развој на третмани и евентуални излекувања на болести, можноста за рано и прецизно дијагностицирање на состојбата прави огромна разлика, а научниците сега развија брз, проверен метод на идентификување на луѓе со Паркинсонова болест.

„Сајенс алерт“ пишува дека тестот може да се спроведе за само три минути по земањето на брис од кожа. Брисот се анализира на промени во хемиската мешавина на себумот, природно восочно масло што го произведува кожата, кое претходно се поврзувало со Паркинсоновата болест.

Во моментов не постои конечен, дефинитивен тест за Паркинсонова болест. Специјалистите ги гледаат симптомите, историјата на болести, резултатите од долготрајниот физички преглед, а во некои случаи и скенирање на мозокот за за да ја дијагностицираат состојбата.

Неврологот д-р Монти Силвердејл, од Универзитетот во Манчестер во Велика Британија, истакна дека овој тест има потенцијал за значајно подобрување на дијагнозата и лекувањето на луѓето со Паркинсонова болест.

„Сајенс алерт“ пренесува дека новиот тест се темели на работата што ја спровеле истражувачите со пациентката Џој Милн од Шкотска, која има наследна хиперосмија, односно зголемена чувствителност на мириси. Откако забележала дека нејзиниот сопруг развива мошусен мирис многу години пред официјално да му биде дијагностицирана Паркинсоновата болест, откриено е дека Милн буквално може да ги намириса знаците на болеста кај луѓето.

Во 2019 година, некои од истите истражувачи идентификуваа како хемиската мешавина на себум се променила кај поединец, откако била присутна Паркинсоновата болест.

Хемичарот д-р Депанјан Саркар, од Универзитетот во Манчестер, објасни дека на земениот брис се прави анализа на масна спектрометрија за да се види молекуларниот состав. Кога го прават ова, наоѓаат повеќе од 4.000 уникатни соединенија од кои 500 се различни меѓу луѓето со Паркинсонова болест во споредба со контролните учесници.

Паркинсоновата болест во моментов е најбрзо растечката невролошка болест која постои и овој раст ќе продолжи. Додека научниците работат напорно за да најдат лек, постојат начини за забавување или управување со текот на болеста и токму тука раната дијагноза може да биде исклучително важна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author