27.10.2022 Скопје
Акциите на „Мета“ доживеаја пад откако компанијата објави мешани резултати во својот извештај за заработката во третиот квартал, заедно со загубите од милијарди долари во поделбата посветена на нејзиниот амбициозен проект „Метаверс“.
Матичната компанија на „Фејсбук“ ги победи предвидувањата на аналитичарите за приходите, но понуди слаба прогноза за претстојниот квартал. Тие објавија приход од 27,7 милијарди долари за третиот квартал, што е повисоко од предвидените 27,4 милијарди долари, но за 4% помалку од истиот период минатата година. Нивната заработка по акција, која ги опфаќа и трошоците, беше 1,64 долари, пониска од предвидените 1,89 долари.
Извештајот за заработката објавен во средата го означува последниот во серијата „тешки извештаи“ за „Мета“, која инвестираше многу во нови производи.
Во февруари компанијата загуби 230 милијарди долари од пазарната вредност што беше најголемата загуба во еден ден во историјата на САД, а нејзината акција падна за 26%.
Во средата, акциите на компанијата паднаа за 18%, а загриженоста на инвеститорите продолжува да расте поради трошењето на ресурсите на компанијата за новите производи.
Трошоците и расходите на „Мета“ се зголемија за 19% на годишно ниво во третиот квартал. Тие потрошија големи суми пари во „метаверзумот“, нивниот проект за виртуелна реалност, а досега покажува слаб интерес.
„Реалити лабс“, нејзиниот „метаверз“ сегмент, забележа загуби од 3,7 милијарди долари овој квартал и компанијата рече дека предвидува дека тие загуби „значително ќе растат од година во година“.
Борејќи се да се натпреварува со растечката моќ на „ТикТок“, „Мета“ инвестираше многу во својот производ за видео содржини од кратки форми „Рилс“, но се соочи со многу проблеми околу монетизацијата. Дебра Ахо Вилијамсон, главен аналитичар во „Инсајдер Интелиџенс“, смета дека „Мета“ можеби премногу се фокусира на своите нови потфати.
Подготвено од А.Ѓ.