26.10.2022 Скопје
Осумгодишниот генијалец Македон Димитровски е првиот талент кој доби поддршка во рамки на кампањата „Вложуваме во млади таленти“, иницирана од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ).
Македон, кој инаку е ученик во трето одделение од Тетово, поседува напредно познавање на математиката и има способност да решава математички задачи од втора година од средно образование. Тој на нашата земја ѝ донесе два златни медали по математика во конкуренција со 4.000 учесници од целиот свет, а во рамки на кампањата „Вложуваме во млади таленти“ доби финансиска поддршка со цел да се обезбедат подобри услови за неговиот талент да расне и се развива.
Васко Илијевски, претседателот на АСОМ, изјави дека преку кампањата „Вложуваме во млади таленти“ на малиот талентиран Македон му е овозможена финансиска поддршка за развој на неговиот талент, конкретно за набавка на современа техничка опрема, односно компјутер со напредни перформанси. Воедно, додаде дека во рамки на кампањата за Македон ќе бидат обезбедени и дополнителни финансиски средства за надградба на неговото богато знаење, како и средства за учества на натпревари.
Малиот Македон, освен тоа што има напредно познавање по математика во однос на своите врсници, поседува и богато знаење од областа на историјата, географијата, а покрај англиски, на своја иницијатива учи и старословенски и кинески јазик. Развојот на талентот на Македон е приоритет за неговите родители кои посветено работат со него.
AСОМ како општествено одговорен субјект кој континуирано го остварува својот придонес кон заедницата, преку кампањата „Вложуваме во млади таленти“ има за цел да обезбеди поттик и поддршка за развој на младите таленти од областа на спортот, науката и уметноста и уште еднаш да покаже дека е активен чинител во општеството кој делува во насока на развивање и градење перспективни идни генерации.
Подготвено од А.Ѓ.