21.10.2022 Скопје
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со државниот министер за Европа во британското Министерство за надворешни работи, Лео Доерти, што се одржа во Берлин, на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите во рамки на Берлинскиот процес, изјавил дека Република Северна Македонија е подготвена за успешен и брз преговарачки процес.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, на средбата заеднички биле поздравени силните економски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кое е наш втор најголем трговски партнер и еден од најголемите странски директни инвеститори во нашата земја, особено по потпишувањето на билатералната Спогодба за трговија, партнерство и соработка.
Во однос на отпочнатите преговори со ЕУ и идните чекори, двајцата министри изразиле задоволство од историскиот чекор со кој Република Северна Македонија ги започна преговорите, изразувајќи надеж за успешни преговори со цел полноправно членство во Унијата.
Во соопштението се наведува и дека Османи и Доери разговарале и за улогата и значењето на новата Европска политичка заедница, што претставува добар одговор на геополитичката закана од руската агресија врз Украина. Изразувајќи задоволство од одржаниот прв состанок во Прага, министрите се согласиле дека новата политичка заедница не е замена за политиките на ЕУ, вклучувајќи го тука и процесот на проширување кој не е загрозен.
Подготвено од А.Ѓ.