26.10.2022 Скопје
На денешниот онлајн состанок, премиерот Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на одржувањето на Самитот за Берлинскиот процес, констатираа дека „Отворен Балкан“ е препознаен како позитивна регионална иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и граѓаните кога се во прашање европските слободи за движење на луѓе, услуги и стоки.
На состанокот тројцата лидери се договорија на претстојниот Самит за Берлински процес, што ќе се одржи на почетокот на ноември во Берлин, да ги пренесат сите позитивни искуства од „Отворен Балкан”.
Владината прес-служба соопшти дека на координативниот состанок присуствуваа и вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески.
На онлајн состанокот станало збор и за заедничките позиции на трите држави за забрзување на имплементацијата на тековните иницијативи.
Во владиното соопштение се наведува дека од страна на лидерите е посочено дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која ги мобилизира администрацијата, бизнисот и граѓаните за заеднички напредок на регионот и за заедничка поддршка за време на кризните состојби предизвикани од недостатокот на храна и струја.
На Инстаграм, српскиот претседател Вучиќ објави дека на состанокот било разговарано за заедничките чекори во насока на обезбедување сигурна зима за граѓаните на трите земји, како и за претстојниот Самит на Берлинскиот процес, потенцирајќи дека „Отворен Балкан“ значи мир, просперитет и посигурна иднина за народите од нашиот регион, бидејќи заедно сме секогаш посилни.
Подготвено од А.Ѓ.