https://www.facebook.com/photo?fbid=559884392807716&set=pcb.559884949474327

27.10.2022 Скопје

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на свеченоста по повод официјалното отворање на македонскиот Културно-информативен центар во Хрватска, соопшти дека по Истанбул, Софија, Тирана, Њујорк, Загреб е петтиот македонски културно-информативен центар во светот и сите центри, набргу по нивното отворање, го положија испитот за нивната оправданост и неопходност, истакнувајќи дека КИЦ во Загреб цели кон висока оценка на тој испит.

Министерството за култура соопшти дека Костадиновска-Стојчевска на бројните гости, меѓу кои беше и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, им посака добредојде во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Воедно, истакна дека за хрватските граѓани нашата музика, нашата уметност, култура, нашите традиционални вредности имаат посебно место во нивните срца.

Министерката за култура потсети дека Одлуката за основање на КИЦ во Загреб е донесена пред година и половина и набргу почнаа подготовките за неговото отворање. Таа упати благодарност до директорката на ова катче на македонската култура во Загреб, Наталија Поповска, која со успех веќе ја реализира и програмата.

Костадиновска-Стојчевска нагласи дека нашите чувства кон Загреб се уште подлабоки со фактот дека пред 161 година во Загреб, е отпечатен и првиот Зборник на македонските преродбеници, браќата Димитар и Константин Миладинов, со помош на хрватскиот бискуп и добродетел Јосип Штросмајер. Воедно, Загреб е и првата станица на долгиот пат на милосрдноста на нашата Гонџа Бојаџиу, за Ватикан светица, за светот Мајка Тереза. Пред 32 години Загреб ја прогласи за свој почесен граѓанин.

Таа посочи и дека преку Годишната програма за поддршка на проекти од областа на културата, Министерството за култура со години ги поддржува проектите на Здружението на хрватската заедница во Република Северна Македонија.

Нина Обуљен Коржинек, хрватската министерка за култура и медиуми, изрази задоволство што заедно со македонската министерка за култура го отворија Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, кој, како што рече, ќе биде центар не само на нови знаења за вредната македонска култура, но и нова платформа за презентација за македонските уметници, во корист на уште поплодна заедничка културна соработка.

Свеченото отворање на петтиот македонски КИЦ во светот, кој се наоѓа на улицата „Хебрангова“ број 4 во Загреб, беше збогатено со изложба на уметнички фотографии „Македонија низ објективот на хрватски фотограф Марио Пуциќ”.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author