13.10.2022 Скопје
Јетон Шаќири, министерот за образование и наука, очекува сите вклучени во образовниот процес да бидат подготвени и одговорни во менаџирањето на средствата во услови на енергетска криза. Воедно, истакна дека МОН е секој ден во комуникација со општините, локалните институции и училиштата за справување со кризната состојба.
За документот што до сите органи во нејзин состав го испратила Владата во насока на штедење и дека за училиштата се препорачува усогласување на паралелките, т.е. бројот на ученици со наставниот и административен кадар, министерот Шаќири изјави дека се работи за проект за оптимизација на училиштата низ државата, кој МОН го спроведува со УНИЦЕФ, и дека тоа е процес што не може да се реализира во наредните месеци, туку за неколку години.
Министерот Шаќири посочи дека оптимизацијата подразбира добро користење на ресурсите, изнаоѓање можност во училишта каде што нема деца да се соработува со МТСП за отворање претшколски установи. Воедно, министерот за образование и наука уверува дека нема да бидат ускратени учениците и студентите за стипендии кои МОН ги доделува во различни категории и покрај тоа што во владиниот документ се препорачуваат построги критериуми при доделувањето стипендии.
За јавното приватно партнерство за менаџирање на студентските домови, Шаќири истакна дека тоа не се однесува на оваа година, туку се прави анализа за потребите на сите домови, ученички и студентски.
Подготвено од А.Ѓ.