10.10.2022 Скопје
На вчерашната седница, Владата донесе нов пакет мерки за справување со енергетската и ценовната криза, вреден над 350 милиони евра.
Премиерот Димитар Ковачевски, на вчерашната прес-конференција, изјави дека со овие средства, севкупната поддршка за полесно пребродување на кризата во сите сфери досега изнесува 750 милиони евра.
Премиерот Ковачевски нагласи дека заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите остануваат приоритет. Воедно, истакна дека клучната порака е дека никој нема да биде заборавен и нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата, туку кризата ќе ја пребродиме сите заедно.
Со новиот пакет мерки, над 330.000 пензионери имаат повисоки пензии согласно новата методологија. Директна финансиска помош од 6000, односно 3000 денари, во наредните 4 месеци ќе добијат пензионерите кои земаат до 11.525 денари, односно до 14.000 денари пензија. Се обезбедува и директна помош од 3000 денари и за 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, но и по 3.000 денари месечно во наредни 4 месеци за речиси 42.000 лица од ранливи категории. Се субвенционираат платите, како што нагласи премиерот, се грижат и за работниците и најзагрозените во услови на една од најтешките економски и енергетски кризи.
Се продолжува со субвенционирање на струјата со 80%, струја, парно и храна, мора да има. Тоа е еден од врвните приоритети на кои работи Владата. Воедно, училиштата ќе се на регулиран пазар за струја, за да може образовниот процес да тече непречено.
На прес-конференцијата, Ковачевски се осврна и на средствата обезбедени со ребалансот на Буџетот кои ќе се реализираат во следниот период. Воедно, на прес-конференцијата во Владата присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министрите за економија и за финансии, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, како и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Подготвено од А.Ѓ.