15.10.2022 Скопје
НАТО информира дека во понеделник ја почнува својата годишна нуклеарна вежба „Steadfast Noon“, со до 60 авиони што ќе учествуваат во тренажни летови над Белгија, Северното Море и над Велика Британија, со цел да се вежба користење американски нуклеарни бомби распоредени во Европа.
„Steadfast Noon“, веројатно ќе се совпадне со годишните нуклеарни вежби на Москва, наречени „Гром“, што претежно се спроведуваат кон крајот на октомври и каде Русија ги тестира своите бомбардери, подморници и проектили што можат да носат нуклеарно оружје.
Од Сојузот соопштуваат дека вежбата што ќе трае до 30 октомври, е рутинска, повторлива активност за обука и не е поврзана со какви било актуелни случувања во светот. Воедно, истакнаа дека нуклеарните вежби не вклучуваат вистински бомби и нема да се користи борбено оружје.
Во соопштението се наведува дека Белгија е домаќин на вежбите, каде ќе учествуваат 14 земји и до 60 авиони, вклучувајчи ги најнапредните борбени авиони на пазарот и американските бомбардери со долг дострел Б-52, што ќе пристигнат од воздухопловната база Минот во Северна Дакота.
Јенс Столтенберг, шефот на НАТО, јасно даде до знаење дека Алијансата ќе продолжи со своите вежби и покрај напнатата меѓународна состојба. Воедно, истакна дека откажувањето на вежбите поради војната во Украина би испратило многу погрешен сигнал.
Подготвено од А.Ѓ.