negativen priroden prirast

25.10.2022 Скопје

Пари анализира дека во 2000 година во Република Северна Македонија се родиле 26.168 деца. Истата година починале 17.085 луѓе, што значи дека во таа година природниот прираст бил 9.083. Поразителен демографски податок е тоа што се случило со природниот прираст во наредните две децении. Бројот на умрените постојано растел, а бројот на родените се намалувал.

Во пандемиската 2020 година, се регистрирани дури 25.755 умрени, а се родиле 19.031 деца, со што е остварен негативен природен прираст, односно бројот на умрените е поголем од бројот на родените за 6.724.

Негативниот природен прираст за прв пат е забележан во 2019 година, кога се родиле 19.845 деца, а починале 20.446 македонски жители, односно природниот прираст бил во негатива за 601 жител.

Кога се намалува бројот на родени деца, постепено се намалува најважниот потенцијал во едно општество и во една економија, човечкиот потенцијал.

Истовремено, природата го прави своето со старото население и, колку и да звучи сурово, со тоа се намалува притисокот врз пензискиот фонд. Со намалениот број на новородени, се намалува и работната сила која треба да е носител и на тековната економска активност во една земја, но и алиментирањето на даночниот систем, па со тоа и на пензискиот фонд. Згора на тоа, состојбата станува уште покомплицирана со иселувањето на младите луѓе.

Статистичките податоци покажуваат дека стапката на фертилитет во 2020 година била 1,31 живородени деца на една жена. Значи, веќе ретко кој се одлучува на второ дете, со што постои голема веројатност дека негативниот демографски тренд ќе продолжи и во иднина, особено ако се земе предвид фактот дека бракот се склучува во повозрасните години.

Државниот завод за статистика регистрира и значително намалување на стапката на склучување на брак. Така, ако во 2008 година сме имале склучено 7,2 брака на 1.000 жители, во 2020 година имало 5 склучени брака на 1.000 жители.

Во изминативе 20 години статистичките податоци покажуваат дека бројот на родените машки деца постојано е поголем од родените женски деца.

Во однос на смртноста, исто така, таа е постојано поголема кај мажите отколку кај жените.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author