narodna banka na rmkd

27.10.2022 Скопје

Најновите податоци на Светската банка од глобалната база на податоци Финдекс, коишто се однесуваат на 123 земји во светот, покажуваат дека минатата година 85,3 отсто од населението во Република Северна Македонија, постаро од 15 години, поседувало сметка, додека во регионот сме на второто место според финансиската вклученост.

Сè повеќе македонски граѓани поседуваат дебитна и кредитна картичка и сè повеќе се купува онлајн, сепак сè уште заостануваме зад европскиот просек.

Народната банка информира дека во изминатите пет години, финансиската вклученост во земјава е повисока за 8,7 процентни поени, а во регионот сме на второто место, веднаш по Србија со 89 отсто. Сепак, во споредба со просекот на Европа и Централна Азија заостануваме за 4,7 процентни поени.

Согласно со податоците на базата Финдекс, се забележува пораст кај поседувањето кредитни картички кај нашето население за 5 процентни поени (22 отсто) во 2021 година во споредба со 2017 година, како и кај користењето платежни картички за 6 процентни поени (43 отсто), додека поседувањето дебитни картички е непроменето (53 отсто).

Од Народната банка потенцираа дека во споредба со земјите од регионот, имаме повисок процент на користење дебитна или кредитна картичка во однос на Косово и Албанија, додека понизок во однос на Бугарија, Србија и Турција. Анализирано според возрасни групи, кај населението од 15 до 24 години е забележан најголем пораст во 2021 година од 18 процентни поени во споредба со 2017 година.

Народната банка, воедно, додаде дека податоците покажуваат дека населението на возраст од над 15 години кај нас сè повеќе користи мобилен телефон или интернет за онлајн-купување. Во 2021 година, 30,5 отсто од населението кај нас купува онлајн, додека во 2017 година овој процент изнесувал 16,9 отсто. Сепак, тој сè уште е понизок во однос со земјите од Европа и Централна Азија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author