03.10.2022 Скопје
Денеска, на факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопјеќе бидат организирани први академски часови за симболично означување на почетокот на студиската 2022/2023 година и добредојде на новата генерација студенти.
Во саботата, на УКИМ беше одбележан првиот академски час на Машинскиот факултет и по пауза од две години поради Ковид пандемијата, се одржа со физичко присуство.
Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, ги поздрави бруцошите со порака дека е чест, но и голема обврска да се студира на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава. Воедно, додаде дека знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење.
Јанкуловски, на студентите, им посака низ студирањето да ги следи истрајноста, знаењето и желбата за нивни личен напредок и развој. Воедно, да работат вредно, да се посветат максимално на студиите, да соработуваат со нивните професори, како и меѓусебно да соработуваат, и да се посетат на нивната иднина.
Денеска ректорот, по повод првиот академски час, ќе ги посети Медицинскиот факултет, Филолошкиот, Економскиот и Архитектонскиот факултет.
Со Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет беа слободни 10 918 места, од кои 5 306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра беа наменети 4 522 места и 1 090 места за вонредни студенти.
Подготвено од А.Ѓ.