21.10.2022 Скопје
Државниот просветен инспекторат соопшти дека негови инспектори извршиле вонреден инспекциски надзор над работењето на приватната високообразовна установа – Висока стручна школа Факултет за бизнис економија, чии студенти во текот на минатиот ден протестираа бидејќи сѐ уште не ја започнале академската година.
Државниот просветен инспекторат истакна дека при надзорот согласно законските надлежности утврдено е дека во установата нема доволен број на наставници избрани во наставни звања кои се во работен однос со полно работно време, за реализација на наставната програма за академската 2022/23 година, за реализација на септемвриска испитна сесија во целост од академската 2021/2022 година, како и за усвојување или донесување на акти и материјали за кои одлучува Наставничкиот совет и Директорот во рамките на своите овластувања согласно со одлуките на Наставничкиот совет. Воедно, информираа дека за овие константирани неправилности ќе биде известен и Министерот за образование и наука на негово запознавање и понатамошно постапување.
Во однос на делот на отказите, како што информираа, од прегледаната документација при надзорот константирано е дека се работи за престанок на работен однос на лица избрани во звање со Одлука за отказ без отказен рок, поради што истите се веќе препратени до надлежен орган, на нивно запознавање и понатамошно постапување.
Подготвено од А.Ѓ.