27.10.2022 Скопје
Министерството за внатрешни работи соопшти дека имаат првични податоци за тоа од каде се испратени мејловите, кои претходниот ден стасаа до осум средни училишта во Скопје. Претресите на Единицата за антитероризам во текот на вчерашниот ден утврдија дека образовните објекти се безбедни и нема поставено бомби.
Министерот Оливер Спасовски, изјави дека најважно е да се откријат сите ИП адреси од каде се пратени мејловите, и без разлика дали е ова само една хибридна игра или пак има политичка позаднина, никој не смее да си дозволи да се игра со судбините на децата.
Министерот потенцираше дека сите згради на училиштата биле детално проверени од Одделот за антитероризам и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, а се осврна и на пријавата за лажна бомба во автобус на ЈСП, и додаде дека доколку е некоја политичка пресметка, не смее да се прави врз грбот на граѓаните.
Фактот дека станува збор за монструозен чин, во кој се злоупотребени училиштата, имајќи ја во предвид вознемиреноста на децата, родителите, но и сите граѓани генерално, казните за сторителите ќе бидат најстроги, истакна Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Подготвено од М.Н.