14.10.2022 Скопје
Европската комисија во Годишниот извештај за напредокот на земјава заклучи дека монетарната политика којашто ја води Народната банка е соодветна на тековните услови и предизвици. Преку постепено зголемување на каматните стапки, Народната банка придонесува за стабилизирање на инфлациските очекувања, водејќи сметка да нема значителни ефекти врз економскиот раст и да се намали негативното влијание од здравствената и енергетската криза.
Во Извештајот на Европската комисија, исто така, стои и дека за време на корона-кризата, Народната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, додека по почетокот на ценовните притисоци, таа презема соодветни мерки и политики за да може соодветно да одговори на нив.
Европската комисија позитивно го оцени и напредокот во зајакнувањето на институционалната рамка за одржување на финансиската стабилност, преку новодонесениот Закон за финансиска стабилност. За важен чекор, воедно, се смета и регулативата донесена од страна на централната банка, преку којашто се олеснува продажбата на нефункционалните пласмани. И донесената одлука на Народната банка за зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот се оценува како соодветна, со оглед на се поголемите ризици во економијата поради војната во Украина, што може да предизвика и одредено зголемување на нефункционалните пласмани.
Во Извештајот се наведува и дека централната банка доследно се придржува до Кодексот за работа на европската статистика.
Подготвено од А.Ѓ.