14.10.2022 Скопје
Од денешната средба на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков, заклучокот е дека промените во образованието треба да продолжат, а СОНК ќе даде активен придонес во креирањето и имплементацијата на политиките со кои МОН и другите надлежни институции ќе го унапредуваат квалитетот на воспитно-образовниот процес во државата.
На денешната средба се разговараше за актуелните состојби и идни планови во образованието.
Како што информираат од Министерството за образование и наука, министерот Шаќири потенцирал дека е задоволен од соработката со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура во изминатите месеци во кои тој раководи со Министерството и очекува соработката да се интензивира во интерес на градењето подобар образовен систем, затоа што ќе се интензивираат и сите останати процеси кои треба да ја доближат државата до зачленување во европското семејство, со кое преговорите се веќе отпочнати.
Министерот за образование Шаќири, на средбата, истакнал дека наставниците се најважната алатка во воспитно-образовниот процес и без нивна мотивираност, не може да има ниту квалитетна настава, ниту пак промените би биле ефективни и затоа, Министерството за образование и наука, исто како и СОНК, се заложува за унапредување на нивните права и услови за работа. Воедно, Шаќири потсетил дека покачувањето на платите на вработените во основните и средните училишта за 15 отсто од минатиот месец е резултат на успешната соработка и договор помеѓу социјалните партнери.
Претседателот на СОНК, Неделков истакнал дека е задоволен од отвореноста на Министерството за соработка и заедничко имплементирање на иницијативи кои се од интерес на учениците, наставниците и воопшто од интерес за поквалитетно образование. Воедно, Неделков очекува во иднина институциите на системот да обезбедат механизам за континуиран раст на личните примања на просветните работници.
На денешната средба, како што информираат од МОН, се дискутирало и за процесот на изработка и достава на нови учебници и наставни материјали, особено во основното образование, како актуелна тема во изминатите денови. Шаќири и Неделков се согласиле дека тоа е комплексен процес, но неопходно е да се спроведе, како и во иднина да се работи на измена на законската регулатива со цел поедноставување на постапките и навремено заокружување на активностите пред секоја нова учебна година.
Подготвено од А.Ѓ.