metan gas

17.10.2022 Скопје

Во пресрет на Конференцијата за климатски промени, која се одржува во ноември оваа година во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, зелените активисти имаат се помалку очекувања дека светот ќе може да дејствува обединето, да се соочи со веќе сериозните последици од климатската криза и да се договорат за синхронизирано дејствување во иднина.

Во текот на вчерашниот ден, зелените активисти потсетија дека пред точно една година повеќе од 100 земји се приклучија на напорите предводени од САД и Европската Унија за намалување на емисиите на стакленички гасови метан за 30 отсто до 2030 година во однос на нивото од 2020 година. Пактот е дел од иницијативата насочена кон решавање на еден од главните причини за климатските промени.

На самитот COP26 во Глазгов беше лансирано ветувањето за намалување на метанот и вклучува земји кои претставуваат речиси половина од глобалните емисии на метан и 70 отсто од глобалниот БДП.

Американскиот претседател Џо Бајден, во Глазгов минатата година, изјави дека сите се посветени на заедничко намалување на метанот за 30 отсто до 2030 година.

Меѓу новите потписници е и Бразил, еден од најголемите емитери на метан. Ветувањето за глобално намалување вклучува шест од 10-те најголеми светски емитери на метан и тоа се САД, Бразил, Индонезија, Нигерија, Пакистан и Мексико.

Зелените активисти тврдат дека од потпишувањето на тој протокол речиси ништо не е направено за спроведување на обврските на потписниците. Само Велика Британија, во текот на вчерашниот ден, објави дека до 2030 година на нула ќе ги намали емисиите на метан при производството на нафта.

Метанот е многу помоќен стакленички гас од јаглерод диоксидот и ја задржува топлината 80 пати поефикасно во период од 20 години. Количеството на метан во атмосферата е два и пол пати поголемо од прединдустриското ниво и постојано се зголемува. Последните најави кои пристигнуваат од Брисел и Вашингтон потврдуваат дека тешко дека порастот на температурите ќе се задржи под посакуваната психолошка вредност од 1,5 степени над прединдустрискиот период, а единствена надеж за тоа е драстично намалување на емисиите на метан.

Метанот доаѓа од многу места, помалку од половина доаѓа од природни извори како мочуриштата, а остатокот доаѓа од човечки активности, најмногу земјоделство, производство на нафта и гас и депонии.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author