24.10.2022 Скопје
Германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласуваат дека повоената обнова на Украина ќе биде мисија на цела генерација, за која е потребна стратегија како Маршаловиот план.
Тие ја бранат таа теза во написот објавен синоќа во Франкфуртер алгемајне цајтунг – еден ден пред германско-украинскиот економски форум во Берлин посветен на обновата на Украина.
Шолц ќе ја отвори средбата заедно со украинскиот премиер Денис Шмигал. По разговорите во вторник ќе следи експертска конференција организирана од Европската комисија и од Германија, која во моментов претседава со Г7.
Шолц и Фон дер Лајен истакнуваат дека Европа има посебна улога во поддршката на Украина, бидејќи е кандидат за членство во ЕУ. Воедно, наведоа дека патот на обновата затоа е и украинскиот пат кон ЕУ, како и дека Украина го брани и меѓународниот поредок заснован на правила, основата на мирен соживот и напредок на глобално ниво.
Германска лоби група која ги застапува компаниите со интереси во Источна Европа, исто така, повика на план за закрепнување на Украина по моделот на Маршаловиот план.
Досието од 20 страници, насловено „Да ја обновиме Украина”, кое ги анализира прашањата од индустријата до земјоделството и енергијата, ќе биде претставено денеска на германско-украинскиот форум.
Подготвено од А.Ѓ.