https://www.facebook.com/photo.php?fbid=496574939150110&set=pb.100063928230945.-2207520000..&type=3

05.10.2022 Скопје

Бојан Маричиќ, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, од денеска е во дводневна работна посета на Стразбург, по повод одржувањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Маричиќ во Европскиот парламент ќе има свое обраќање по точката „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, заедно со министерот за европски прашања на Република Чешка, Микулаш Бек, Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Елза Фенет, раководителката на Одделот „Западен Балкан“ во Европската служба за надворешни работи и европратеникот и постојан известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.

Вицепремиерот Маричиќ ќе се сретне со ко-претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, Андреас Шидер, со словенечката пратеничка во Европскиот парламент и координаторка на неформална група „Пријатели на Северна Македонија“, Ирена Јовева, со Тинеке Стрик од холандската „Зелени“ и Матијаж Немец.

Отворањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и ЕУ ќе биде од страна на Андреас Шидер и Соња Мираковска, копретседавачи на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ.

Покрај точката „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“, на дневен ред ќе бидат и владеење на правото, борба против организираниот криминал и корупцијата, граѓанско општество и медиуми, енергетската криза и животна средина, добрососедски односи и регионална соработка и извештајот за дијалогот Жан Моне.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author