27.10.2022 Скопје
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе ја спроведе контроверзната пензиска реформа со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за три години на 65 години, со што младите генерации ќе бидат принудени да работат подолго. Промените ќе стапат на сила следната година.
Макрон истакна дека Минималната возраст за целосно пензионирање постепено ќе се зголеми од сегашните 62 на 65 години до 2031 година.
Сепак, Макрон рече дека е отворен да разговара за возраста за пензионирање со синдикатите и за потенцијалните промени. Сите француски работници добиваат државна пензија.
Францускиот претседател Макрон потенцира дека неуспехот да се воведат предложените измени ќе значи дека владата ќе мора да го намали износот на пензиите.
Најавата на Макрон доаѓа откако неговата центристичка алијанса го загуби парламентарното мнозинство во јуни, што го отежнува усвојувањето на законите на неговата влада во Долниот дом на парламентот. Повеќето опозициски партии, но и синдикатите се против промена на старосната граница за пензионирање.
Во текот на вчерашниот ден, Макрон им понуди сојуз на пратениците од конзервативната Републиканска партија за усвојување на домашните реформи во парламентот, вклучително и пензиските реформи.
Претходно, неговата влада преживеа три гласања за недоверба поттикнати од некои опозициски пратеници од левата и екстремната десница во знак на протест против употребата на специјална уставна моќ за протуркање на буџетските закони низ Националното собрание.
Кон крајот на 2019 година за време на првиот мандат на Макрон, предложената пензиска реформа предизвика штрајкови и протести низ целата земја. Владата тогаш одлучи да ја прекине јавната дебата поради пандемијата на Ковид-19.
Подготвено од А.Ѓ.