https://www.facebook.com/photo?fbid=10154018747359108&set=basw.AboFJYdmli8IxdXezLVLpiiz4tzIUKIEeLWGroV60VynwK9GYqtOcJa1XM03kH1JOukqXyapMicLeIFxBYr52qHLq75PbE6ipGk6IkgXcHSmGd91oF2mU9XeDUz3Mrs_u_dPOAIG6kdFXsyYSKOown_2RPQEZZuaBE-cyHhh7pExQg&opaqueCursor=Abratn7rlDJ33Dz8D9NzXIUtwddwiVzjxrbgyee_HNxDDgO9KWaywpC4NfbN1jjWtCBo83jKSpRIF2QiqyfBR0Xj7VhYaNChMOK1GcCwAJPaLx9dCRgPbt48fo3jHm13RdzZP9prqdEip79OLMdVkOxE1dxEGt46LXGec5KPE7C896hMsyFxmfRHlIraHRpyXERczYvf8DRZZF0gdfeMQ0xQc0QeOXqsTxbtt3dVl29iTd-1anu8R-XwVxXdDVs9GblUcxtdNY6xXqxjLxggO8Lg6cchcLwLsrqUSSgmhwsXpBvDjFuC1FuSC9xFWspKc-u4KihwkQ0jRug1AzqnvHAIQBRGuAYbvrwCbw7NFJ_M8xI3YJ3GBSYBEbP3bnQNaVNSV9aYlIEhZdj8c4E2Vtz0SjREga3xAOLXorlU9hdzuHCKH18aYJrChuavZgel-3o8ZoHDmk1eavVv9sbQW9W28dtI7giCtLjLiYRk39tL7otDb-Bd3IjEowCWYJm3PEVzHNSbSUZD4iTLHolt--RNwUXvl3Wk0VPyk0uqFb_jhRYlMbdv4cLxq50ea6_zinRm8SbkHoz1Lp4LVNbJy-VR7fCR7IN9Owh9IXOZb3ge9vyyvObjGFFZ1BNQyeA_3zs7zIs9ueUDOvKgbZD4rNiTUPRllJaqiPZimFJDiUEfc3vHx6j3G07Z0jlPvvxJrQ4JtcB-vvMJfaK7LP9U-lz6v2AxmSxT4UMxbmF85a0T_h82tZqLtgAdt0Ydc07DFZDcbS2oifJgySfc6GQPBCfunMpHtzwC4D-AsFCwn7goDw

28.10.2022 Скопје

По завчерашното потпишување на договорот во Скопје, безбедноста на македонските граници низ кои поминува Балканската мигрантска рута отсега ќе ја гарантира и ФРОНТЕКС.

Македонската гранична полиција не стравува од нов бегалски притисок врз македонските граници по вестите од соседна Грција дека во пограничната област Идомени мигрантите повторно подигаат кампови и чекаат поволен момент да навлезат во Вардарската долина и од таму преку македонска територија да продолжат кон посакуваните европски дестинации.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека соработката со граничната полиција на Република Грција е на исклучително високо ниво, особено во делот на размена на оперативни информации поврзани со илегалната миграција и граничната безбедност воопшто, што е во заеднички интерес на двете соседни држави. Воедно, истакна дека Граничната полиција на Република Северна Македонија е исклучително ефикасна во сузбивањето на илегалната миграција на јужната граница на Република Северна Македонија, а значаен придонес кон тоа дава поддршката од 8 земји кои учествуваат во заедничката операција за засилен надзор, која седма година по ред се реализира на границата помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција, објаснувајќи дека интензитетот на илегалната миграција е во рамките на оперативните предвидувања и очекувања на Граничната полиција.

Полицијата продолжува со своите редовни активности на „ловење“ на криумчари кои мигрантите ги превезуваат низ македонската територија од јужната кон северната граница. Така синоќа пет косовски државјани се уапсени во обид со три возила со косовски регистарски таблички се обиделе да превезат 10 мигранти. Апсењето се случило кај индустриската зона во Валандово, при што полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Стар Дојран ги лишиле од слобода В.Р.(22), А.Д.(24), Г.А.(23), Ф.Г.(23) и Л.Р.(20), сите од Косово.

За настанот е известен Јавен обвинител, а мигрантите биле спроведени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Договорот со ФРОНТЕКС кој освен што политички носи поени што е потпишан со ЕУ на македонски јазик на европскиот пат на државава, треба да придонесе да се спречи порозноста на македонските граници пред се во делот на нелегалната миграција и криминални прекугранични активности.

Од Министерството за внатрешни работи истакнаа дека новиот договор за соработка помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ, со кој се отвора можност за воспоставување на Заеднички операции на Европската Агенција за Гранична и Крајбрежна Стража – Фронтекс на територијата на Република Северна Македонија ќе го подигне нивото на соработка и воедно ќе ја засили безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија. Исто така, со наведениот договор Република Северна Македонија станува рамноправен партнер со останатите земји членки на ЕУ со споделувањето на одговорностите за заедничка безбедност на границите на земјите во Европа.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нагласи дека според Договорот на барање на државата може да се распоредат полициски службеници од Фронтекс на критични точки на границите, да работат со нивните македонски колеги, притоа секој ќе носи свои ознаки, едните национални, другите на ЕУ, а наша огромна придобивка е одлуката на ЕК договори со ФРОНТЕКС да се склучуваат и со трети земји, бидејќи се увиде дека мора малку пошироко да се брани границата на ЕУ.

Инаку со имплементацијата на Договорот ФРОНТЕКС ќе се придонесе кон ефикасно управување и справување со предизвиците од миграцијата и евентуални потенцијални идни закани, а со тоа и кон справувањето со сериозниот криминал со прекугранична димензија. Договорот ги уредува сите прашања неопходни за распоредување тимови за управување со границите од постојаниот корпус на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија, пришто членовите на тимот можат да вршат извршни овластувања.

Оперативната активност, според овој Договор, започнува со писмена одлука на извршниот директор на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија, по писмено барање на надлежните органи на нашата држава, а соработката се заснова врз принципите на партнерство и меѓусебно почитување, како и одржување на највисоките стандарди на интегритет, етичко однесување, професионализам.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author