05.10.2022 Скопје
Стопанската комора и даде рок на Владата до крајот на денот да донесе конкретни мерки за помош на компаниите или во спротивно ќе почнат да ги затвораат капацитетите. Воедно, истакна дека сметките за струја, зголемени и за 6 пати, го доведоа стопанството во многу тешка состојба.
Процесот на отпуштање работници, намалување на производството и затворање на капацитетите е веќе почнат, но тоа може да ескалира следните два месеци кога ќе се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.
Од Стопанската комора потенцираат дека сите компании од регионот и пошироко добиваат помош од државата, додека македонските фирми се оставени сами да се снаоѓаат.
Стопанската комора укажува дека без државна поддршка 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од 1 милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија. За другите компании на слободниот пазар Комората сугерира, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот.
Според СКСМ, барањата се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи, во услови кога за мегават час Србија има цена од околу 100 евра, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата, Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават час, со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата. Исто така, Стопанската комора смета дека ова апсолутно не е момент за каков било дополнителен фискален товар за бизнис-секторот во однос на државата, без оглед на тоа дали станува збор за промена на постојните даноци, воведување нови даноци или за укинување на даночни ослободувања и сл.
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека ја разбира тешката состојба во која се наоѓаат компаниите, но државата се уште нема договор за снабдување со гас од Србија, нема ниту детали дали земјата ќе добива струја од Бугарија и Турција.
Подготвено од А.Ѓ.