MOLBA

19.10.2022 Скопје 

Алијансата на македонските Бугари неодамна информираше дека е поднесена молба за назначување на вршител на должноста пратеник во Собранието на Република Северна Македонија од редот на бугарската заедница. Оттаму, вчера е поднесена и ургенција до законодавниот дом за ваквото нивно барање.

Бугарската заедница во Македонија на 28 јули 2022 година има поднесено молба за назначување на член во Комитет за односи меѓу заедници – претставник на бугарската заедница, кое претставува постојано работно тело на Собранието кое разгледува прашања поврзани со заедниците во државата.

Денеска, на веб сајтот на Алијансата на македонските Бугари чие седиште е во Куманово, беше објавено дека во врска со ваквата молба, организацијата има испратено и ургенција до Собранието.

Во текстот на молбата се наведува дека на последниот попис 19.635 граѓани се имаат изјаснето дека поседуваат и државјанство на Република Бугарија, покрај државјанството на Република Северна Македонија. Понатаму, во дописот е истакнато дека 3.504 се чувствуваат како Бугари, додека пак 1.519 го зборуваат бугарскиот јазик како мајчин јазик. Повикувајќи се на принципот на правична и соодветна застапеност, организацијата се надева на времен вршител на должноста пратеник – претставник на бугарската заедница, како член за Комитетот за односи меѓу заедниците, од редот на постоечкиот парламентарен состав.

Подносител на иницијативата е претседателот на Алијансата на македонските Бугари, Драган Цветковски од Куманово.

Засега политичките партии и пратениците се немаат изјаснето по овој предлог. Претседател на комитетот е Арбана Палоши, а телото брои 19 членови.

 

Подготвено од А.Ѓ.

About Author