22.10.2022 Скопје
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград го најави свеченото отварање, предвидено за 30 октомври, за кое, наспроти првичната забрана, локалните власти сепак дале дозвола.
Во поканата стои дека клубот има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, и да ги зајакне врските меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.
Клубот „Никола Вапцаров“ основан е од Иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за „Заштита на основните индивидуални човекови права“, регистрирано во согласност со бугарскиот закон.
Настанот, на кој се поканети премиерите на Бугарија и Македонија, амбасадорите, медиумите од двете страни на границата, пријатели и гости од земјата и странство, е дозволен од градоначалникот на Благоевград, кој првично го забрани отворањето, што наиде на жестоки осуди во македонската, но и во дел од европската јавност.
Просториите на уште неотворениот клуб беа вандализирани на почетокот на месецов.
Прославата на отварањето на клубот предвидено е да започне со поздрав кон присутните и осветување на просториите според христијанските обичаи, а потоа предвидени се обраќања од официјалните гости.
Подготвено од А.Ѓ.