08.10.2022 Скопје
Македонски средношколци – информатичари на 29. Балканска олимпијада по информатика БОИ 2022 освоија сребрен и еден бронзен медал во програмирање.
Балканската олимпијада по информатика БОИ 2022 се одржува од 3 до 8 октомври во Букурешт, Романија.
Учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски беа предводени од лидерите Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Главен организатор на Балканската олимпијада по информатика 2022 е Здружението за извонредност и изведба во информатиката, заедно со Министерството за образование на Република Романија. По една година пауза и една година онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува регуларно.
На натпреварот учествуваа вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Бугарија, Грција, Кипар, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција.
Како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција, учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија.
За Северна Македонија, сребрениот медал го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека бронзениот медал го освои Тео Китановски од Скопје.
Дополнително, на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир, кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји, Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.
Миле Јованов, претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, изјави дека успесите не доаѓаат сами од себе и дека сето ова што е постигнато е благодарение на личното залагање и труд на секој од нашите учесници, како и на неколкуте професори од ЗИМ. Воедно, додаде дека е среќен што со повеќегодишна упорна работа успеале да го издигнат квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја во предвид големината на нашата земја.
Подготвено од А.Ѓ.