05.10.2022 Скопје
Во најновиот есенски Економски извештај за Европа и Централна Азија, Светската банка предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,1 отсто, а во 2024 година 2,9 отсто. Сепак, Светската банка предупредува на можноста земјата да влезе во зоната на стагфлација, односно на забавен или низок економски раст проследен со високи стапки на инфлација.
Светската банка, за годинава, очекува инфлацијата во земјава да биде 12,1 отсто, наредната година 6,1 отсто, а во 2024 година да се спушти на три отсто.
Во Економскиот извештај за Европа и Централна Азија се посочува дека додека војната во Украина и енергетската криза ги замаглуваат изгледите за раст, инфлацијата се движи кон највисоко ниво на сите времиња, несразмерно намалувајќи ги реалните приходи на сиромашните. Со ограничен фискален простор, зголемен јавен долг и зголемени трошоци на финансирање, фискалната поддршка треба да се насочи кон најранливите. Монетарната политика е заострена за да ги скроти инфлаторните притисоци. Среднорочниот раст се очекува да биде умерен, но ризиците значително се наклонети кон надолната страна.
Во делот на извештајот посветен на Северна Македонија се предвидува дека растот на производството на среден рок се очекува да биде умерен, а надолните ризици остануваат зголемени. Прогнозата за раст за 2022 година е дополнително намалена на 2,1 отсто поради енергетската и украинската криза која продолжи да зема данок на домашната економија. Воедно, се посочува дека прекините поврзани со војната во Украина, прекумерно растегнатите синџири на снабдување, зголемените инфлациски притисоци и притисоците врз платите и интензивирање на кризата со снабдувањето со енергија продолжуваат да влијаат на изгледите.
Во делот за Македонија, исто така, се истакнува и дека основното сценарио е изградено врз претпоставката дека влијанието на енергетската криза и војната во Украина врз домашната економија постепено ќе стивнуваат, како и дека инфлациските притисоци завршуваат на хоризонтот на прогнозата. Сепак, основните претпоставки се значително навалени на надолната страна, забавувајќи го растот и истовремено зголемувајќи ја инфлацијата.
Од Светската банка нагласуваат дека со оглед на ризикот од стагфлација, земјата ќе мора да започне со реализација на реформите кои можат повторно да го зајакнат потенцијалниот импулс на растот на среден рок. Напорите на политиките треба да бидат насочени кон враќање на фискалната и финансиската одржливост, истовремено градејќи социјална и климатска отпорност што ќе ја намали ранливоста на земјата од шокови и ќе ги обнови долгорочните изгледи за раст на земјата.
Зголемената политичка неизвесност и собранискиот ќор-сокак, по резултатите од локалните избори и отстранување на пречките за отворање на пристапните преговори со ЕУ, во услови на криза со храна и енергија, може да доведе до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на потенцијалниот раст и консолидирањето на јавните финансии. Додека пак, намалената домашна и надворешна побарувачка, високите влезни трошоци и недостиг на ликвидност може да доведе до дополнителни отпуштања и зголемување на сиромаштијата, до растегнување на и онака затегнатите јавни финансии. Конечно, заострувањето на финансиските услови може да влијае на опциите за финансирање и на трошоците во иднина.
Подготвено од А.Ѓ.