FB_IMG_1665913554923

16.10.2022 Скопје

Македонија и Балканот се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред петнаесет години, трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, на пат кон Загреб.

Како и во изминатите години, дванаесет учесници го трчаат 15-тиот ултра маратон во чест на Тоше Проески. Маратонот почна завчера од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево. Се очекува маратонците да пристигнат околу пладне во Крушево.

Маратонците ќе бидат пречекани во Крушево, веќе традиционално, со црвени рози, и на Гумење, на вечното почивалиште на Тоше, ќе му оддадат почит на големиот музичар и хуманитарец, познатата македонска и балканска музичка ѕвезда, која ги привлекува во Крушево фановите и почитувачите на неговото дело и 15 години од неговото загинување.

На 5 октомври годинава, под наслов „Од срце за Тоше“, 12 музичари, заедно со камерниот оркестар од Битола и бендот на Тоше, на концертот на платото на Гумење пред спомен куќата на Тоше ги изведоа песните што ги пееше Проески.

Концертот „Од срце за Тоше“ е поддржан од Министерството за култура и од повеќе стопански субјекти од Крушево. Посетителите ја посетија спомен куќата на Гумење, која ги чува спомените на Тоше Проески.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но, албумот на англиски јазик што го подготвуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).

Тоше Проески објави седум албуми. Последниот, „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author