12.10.2022 Скопје
Според уставните експерти, можно е Добрила Кацарска да влезе во историјата како прва претседателка што ќе стави клуч на Уставниот суд, а Македонија да биде првата држава во светот без највисоката правна институција или, како што велат експертите, без конституенца ќе нема ни држава.
И покрај апелите на Кацарска до Собранието, неизвесно е дали до почетокот на декември, кога истекува мандатот на петтиот од деветте уставни судии, пратениците ќе ги изберат четирите нови судии за да се екипира Уставниот суд.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и во Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Маргарита Цаца Николовска, изјави дека не познава држава во светот што останала без функционален Уставен суд.
Собраниски извори брифираат дека изборот на уставните судии денеска ќе биде на маса на координацијата кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, со пратеничките групи, откако Кацарска во петокот вторпат му напиша предупредување на спикерот.
Подготвено од А.Ѓ.