14.10.2022 Скопје
Многу родители поминуваат непроспиени ноќи обидувајќи се да го смират расплаканото, неутешно бебе. Во раните утрински часови се тетерават во кревет откако конечно успеале да го смират своето дете, а научниците тврдат дека решението за мирна ноќ цело време им било пред нос.
Научниците ги снимиле родителите како ги галат своите бебиња, ги носат наоколу, ги лулаат во количката и ги ставаат во кревет, што им помогнало да утврдат кој метод е најдобар.
Објавена во списанието „Тековна биологија“, студијата објаснува како родителите би требало да го извадат своето расплакано бебе од креветчето, да одат со него пет минути по рамна површина, без нагло застанување или нагла промена на насоката, а потоа да седнат и да го држат бебето пет до осум минути пред да го стават во кревет.
Д-р Куми Курода, од Центарот за наука за мозокот Рикен во Јапонија, изјави дека неутешното плачење, особено ноќе, е главен извор на родителски стрес и порача дека овој метод кој трае околу 15 минути треба да се испроба пред да почнат родителите да се грижат за тоа што не е во ред со бебето.
Студијата, воедно, покажала дека младенчињата стануваат попослушни кога ги носи нивната мајка, што е ефект што се нарекува преносен одговор.
Научниците користеле видеозаписи и податоци за отчукувањата на срцето за да рангираат четири различни пристапи за смирување на расплаканите бебиња: држење на бебињата додека седат, ставање во креветче, држење на бебињата во од или нишање во количка и слично. Плачењето се намалувало само кога бебињата биле во движење, без разлика дали мајките ги нишале или ги носеле. Седењето тивко со бебето или ставањето во креветчето не ги спречи солзите.
Во извештајот се наведува дека по пет минути носење, сите расплакани бебиња се смириле, а половината заспале, но опасноста не поминала, дури и за оние родители чии бебиња се смириле. Третина од бебињата повторно се разбудиле речиси веднаш штом родителите ги вратиле во кревет.
Научниците ги проучувале отчукувањата на срцето за да откријат што ги разбудило доенчињата. Податоците покажале дека отчукувањата на срцето на бебињата понекогаш се зголемувал и ги будел бебињата кога бил прекинат физичкиот контакт со родителот.
Обидот да се врати бебето во кревет на понежен начин немало ефект. Но, помогнало да се седи со бебето што спие пет до осум минути по шетањето со доенчето за тоа да потоне во подлабока фаза на спиење.
Студијата спроведена во Италија и Јапонија, во која учествувале 21 бебе, е од истражувачка природа, а резултатите треба дополнително да се утврдат во пообемни студии.
Подготвено од А.Ѓ.