19.10.2022 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, надлежните соопштија дека затворениот градски базен во Куманово нема да работи се до април наредната година.
Одлуката ја донесе ЈП „Чистота и зеленило“, кое одлучи да го затвори базенот поради високите сметки за електрична енергија и гас.
Општинската организација на СДСМ веднаш реагираше за затворањето на спортскиот комплекс, истакнувајќи дека локалната власт предводена од градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски го отфрлила предлогот за зголемување на основачкиот влог на „Куманово гас” за осум милиони денари, од кои три милиони денари да одат на сметка на ЈП „Чистота и зеленило” за работата на затворениот градски базен, а пет милиони денари за субвенционирање на граѓаните кои користат гас.
Данеил Стојчевски, директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ и претседател на движењето „За наше Куманово“, истакна дека на годишно ниво базенот троши повеќе од милион евра, 15 проценти од вкупниот буџет наменет за ЈП „Чистота и зеленило“. Воедно, Стојчевски додаде дека ги следи препораките на Владата за штедење и го повика локалното СДСМ да побара од Владата субвенционирање и потенцираше дека не може да се занемарат други капитални инвестиции во градот, кои нема да се реализираат доколку продолжи со работа базенот.
На вчерашната прес-конференција, Стојчевски истакна дека Димитриевски поднел тужба против изведувачот и надзорот на градежните активности за базенот, бидејќи не е енергетско-ефикасен иако, чинел 4,5 милиони денари, нагласувајќи дека постапката е во тек.
Стојчевски најави дека на наредната седница ќе има конкретен предлог за делумно решавање на проблемот со енергетско напојување на овој објект.
Подготвено од А.Ѓ.