https://www.facebook.com/photo?fbid=10221443486449994&set=a.1520697090784

24.10.2022 Скопје

Бобан Стефановски, планинар од Куманово, го искачи највисокиот планински врв Дамаванд во Иран и Мала Азија.

Стефановски веќе десет години е планинар, а првпат на планината бил на покана на пријатели и го засакал планинарството.

Трпеливост, кондиција, дисциплина и страст е потребно да се искачат врвовите. Стефановски вели дека одредени врвови имаат специфична мистичност која дополнително го привлекува, како што е случај со Дамаванд.

Искачувањето на Дамаванд, што е со височина од 5.609 метри, траело четири дена. Во искачувањето учествувале само тројца планинари од земјава. Врвот е специфичен, изгаснат вулкан од кој може да се забележи испарување на сулфур.

Пред да го освојат Дамаванд, македонските планинари искачиле уште еден врв, Колумбастак висок 4.135 метри. Инаку, качувањето почнува од 3.000 метри. Првиот ден, планинарите пешачат до 4.200 метри, каде е првиот базен камп, одмараат, а вториот ден се искачува до 4.800 метри, процес кој е неопходен за телото да се климатизира. Потоа, повторно се спуштаат до 4.200 метри, преспиваат и веќе третиот ден се освојува врвот.

Стефановски истакна дека постојано тренира и ги искачува врвовите овде во државата и надвор. Речиси секој викенд во зависност од работните обврски е на планина.

Тој е лиценциран водич при ФПСМ (Федерација за планинарство на Северна Македонија) од 2015 година, како и лиценциран планинарски маркацист, член на комисијата за планинарски патеки при ФПСМ и член на младинската комисија при ФПСМ.

Стефановски смета дека може уште повеќе да се искористи потенцијалот кој го има земјава богата со околу 40-тина планини и планински масиви.

Искусниот планинар и дипломиран филолог, преведувач и толкувач на англиски јазик, повикува соодветен кадар да работи на промоција на планинскиот туризам, соодветно да се одбележат и утврдат планинарски патеки според Законот за планински патеки, да се обезбедат спасувачки служби на сите планини, обучени, оспособени и искусни планинарски водичи од сите делови на државата, со цел водичка покриеност за секоја планина.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author