https://www.facebook.com/photo.php?fbid=556012443194842&set=pb.100063582736486.-2207520000.&type=3

29.10.2022 Скопје

Денеска кај местото Шупли Камен во близина на Куманово официјално ќе биде означено продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, на која нема градежни активности од јуни 2020 година, во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев.

Повторната изградба опфаќа работа на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).

На настанот ќе биде презентиран проектот за претстојните фази од изградбата на делницата, а обраќања ќе имаат премиерите Ковачевски и Донев, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура” Хари Локвенец, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.

Изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година, од кога се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога првпат се стопирани активностите. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно со проектот на првата делница.

Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година, и откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20 отсто до 2040 година, и да биде обезбеден транспорт и пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350.000 луѓе.

Подготвено од М.Н.

About Author